Како дел од проектот „Науката и Јас“, во основното училиште „Владо Тасевски“ денеска се одржа Саемот за наука, кој се реализира во соработка со реномираната странска компанија „Џонсон Мети“ и невладината „Македонија 2025“. Во рамки на саемот покрај училиштето - домаќин, учество зедоа и основците од„Невена Георгиева-Дуња“ - (Кисела Вода), „Браќа Миладиновци“ - (Аеродром) и Емин Дураку" – (с. Буковиќ, Сарај).На настанот, секое училиште го презентираше својот проект преку тим од четири до шест ученици, кои беа координирани од своите наставници – ментори. Целта на денешниот саем беше промовирање на знаењето, кое кај младите ученици треба да го пробуди интересот за природно – техничките науки, преку стручен пристап и презентација на научните концепти по моделот „од ученици за ученици“.
На научната манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од реализирање на ваквите иницијативи, каде активно се вклучени и меѓусебно соработуваат образовните институции, невладините организации и меѓународни индустриски компании.
- „Целта е да се поттикнат децата на работа во делот на природните науки, а во исто време да се поврзат училиштата, односно образованието со стопанството. Oва е вистински начин на развивање на образованието на децата низ практични примери и ќе добиваат љубов низ техничките науки од најрани години. Во последниве години сите се ориентиравме на право, економија и општествени науки, но иднината на општеството е во развој на техниката и технологијата која што астрономски напредува, а Македонија мора да оди во чекор со технолошкиот развој“ – посочи Јакимовски.
Тој напомена дека во Карпош функционира и Креативниот центар со чија соработка се отворени повеќе лаборатории (роботика, биологија, хемија, ботаничка градина и сл.), во сите основни училишта ширум општината. Локалната самоуправа финансиски ја поддржува работата на овој Креативен центар, со цел да се овозможат подобри услови за учениците во рамки на практичната настава која ја изучуваат во своите училишта.
Работилницата започна по воведното обраќање на директорката на ООУ „Владо Тасевски“, Викторија Кочевска, која ја нагласи важноста од инвестирање во практичното образование.Воведен збор имаше и Главниот извршен директор на НВО „Македонија 2025“, госпоѓата Никица Мојсоска Блажевски, која ги образложи целите на ваквите саеми за наука, во насока на поддршка на локалните заедници, по што следуваше и претставување на концептот за реализација на проектот „Науката и Јас“ во 2024/2025 година.
Веднаш потоа говореше Оперативниот Директор за Европа на компанијата „Џонсон Мети“, господинот Боријан Борозанов, кој ја нагласи клучната улога што науката ја игра во обликувањето на иднината и посветеноста на „Џонсон Мети“,во вид на поддршка на образовните иницијативи во регионот и пошироко.
По воведните обраќања беа презентирани индивидуалните проекти, каде научниот тим на ООУ „Владо Тасевски“ се претстави преку експеримент со импровизација на ерупција на вулкан, како и со демонстрација на ефектот аурора бореалис и експериментот со струјно коло. Основците од „Невена Георгиева-Дуња“ изведоа експеримент со кој го прикажаа оштетувањето на озонската обвивка а потоа презентираа неколку кратки експерименти со кои се идентификуваат показателите на хемиските промени (појава на талог, промена на боја итн.).
Учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“ се претставија со два експерименти со таканареченото „невидливо мастило“ и „лава ламба“, а тимот од ООУ „Емин Дураку“ го презентираше својот однапред направен проект за вселената а учениците ги демонстрираа кратките експерименти за магнетизам и за глобалното затоплување.
Кон самиот крај на денешниот саем, претставниците од „Џонсон Мети“ одржаа куса презентација за својата компанија, по што изведоа и неколку мини – експерименти.