Училиште

Локација на училиштето:

Општинското основно училиште Владо Тасевски” Скопје е лоцирано во населбата Козле, на територијата на Општина Карпош. Со својата основна дејност го опфаќа реонот на две месни заедници “Пецо Божиновски-Кочо” и “Кузман Јосифовски-Питу”, кои се протегаат од населбата Капиштец до населбата Нерези.

Пристапот до училиштето е возможен со постоечкиот градски сообраќаен транспорт, автобуските линии: 57 и 5.

Кус историјат

Во септември 1957 година, со решение на поранешната општина Идадија, од основното училиште “29 Ноември” е формирано нашето училиште “Владо Тасевски”.

По катастрофалниот земјотрес во јули 1963 год., училиштето добива нова училишна зграда од монтажен тип, подарок од Владата и народот на Англија на град Скопје. Во чест на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, во 1983 година на училиштето му беше предадена во употреба нова училишна зграда, опремена со солидни просторни услови.

Основното училиште “Владо Тасевски”, од основањето 1957-та година до денес, се карактеризира со свој развоен пат и изграден идентитет.

За успесите во својата работа голем број од наставниот персонал имаат добиено признанија, награди и одликувања. За одбележување е добиената 13 Ноемвриска награда во 1982 година за високи постигнувања во одбојка – женски, 13 Ноемвриска награда на ликовната секција и награда од Советот на Европа (Едно училиште – еден споменик). Во своето постоење училиштето организираше две балкански одбојкарски првенства во женска конкуренција за пионерки на ниво на основни училишта, а беше и организатор на многу сојузни, републички, градски и општински натпревари. Училиштето е прогласено за центар за интерактивна настава во 2001 година (едно од петте во државата).

Учениците и вработените од нашето училиште со години постигнуваат значителни резултати на натпреварите по сите предмети, за што доказ се големиот број на награди.